Дома » Живот » Наскоро започнува постењето – Дознајте некои важни работи околу прочистување на организмот

Наскоро започнува постењето – Дознајте некои важни работи околу прочистување на организмот

Под терминот постење во христијанството се подразбира воздржување од мрсна и обилна храна како и воздржување од сите грешни телесни задоволства, наслади и уживања во одредени временски периоди во годината. Според христијанството, со постењето се челичи човековиот дух, бидејќи го скротуваме нашето тело и го потчинуваме на духот. Тоа значи дека постои телесен пост, кога телото се воздржува (пости) од храна и духовен пост кога душата се воздржува од лоши мисли, зборови и лоши дела. Ако луѓето постат само телесно, а го запоставуваат духовниот пост, таквото постење е ништожно. Правилен и вистински пост е само тој пост кога човекот се воздржува од секое зло (прекумерна и мрсна храна и лоши дела).

Во почетокот христијанството проповедало многу ригорозни постови, но со текот на времето постовите станале полиберални. Православните христијани постат без месо, млеко, јајца и масти, а католиците само без месо. Христијанството препорачува таканаречени еднодневни и многудневни постови. Православните и католичките постови се разликуваат и временски поради фактот што се уште во некои православни цркви, вклучувајќи ја и нашата, се почитува таканаречениот стар (јулијански) календар во однос со новиот (грегоријански) календар, кои се разликуваат за 14 дена. Божиќ кај нас се слави на седми јануари, а католиците го слават на 25 декември. Постовите кај сите народи треба да ги гледаме од духовен и световен (здравствен) аспект.

Здравствен аспект на постењето

Нутриционистите немаат право да го коментираат духовниот аспект на постовите, особено што знаеме дека традицијата на нашиот народ, меѓу која и постовите му го одржала духот и постоењето во лошите историски околности. Тогаш народот верувал дека тоа ќе го одржи и оти ќе му помогне да ги надмине сите несреќи, што се покажало исправно. Нутриционистите можат само врз основа на научни аргументи да го коментираат здравствениот аспект на постовите. Православните постови во однос на католичките се значително поригорозни и не ги препорачуваат за децата ниту за изнемоштените и болните луѓе, бидејќи тие не би ги издржале. Постовите се препорачуваат само за здрави луѓе.

Причина за воведување на постовите во христијанството, меѓу другото, е и овозможување неопходна детоксикација на организмот од земање преобилна храна во некој период од годината, која ако се внесувала и на неправилен начин, секогаш предизвикувала здравствени нарушувања.

Православната црква препорачува еднодневни постови секоја среда и петок, освен во таканаречените редовни седмици, но треба да се пости и на 18 јануари, 11 септември и на 27 септември. Многудневните постови се од втори март до 18 април (Велики пости), од 15 јуни до 11 јули (Петровденски пости), од 14 август до 27 август (Богородични пости) и од 27 ноември до шести јануари (Божиќни пости). Наведените датуми се означени според новиот (Грегоријански) календар. Од ова произлегува дека збогувањето со месото, млекото, јајцата и мастите, а со тоа и давањето шанса на организмот да се ослободи од евентуално насобраниот токсичен отпад има сезонски карактер.

Прехранбената култура на нашиот народ во последно време сепак напредувала иако информациите како треба да се храниме, за жал, нашата популација не ги добила во рамките на образовниот систем. Македонецот, главно е запознат со фактот дека никогаш во текот на годината не треба да се прејадува и оти не треба ни најквалитетната храна да ја внесува во организмот на неправилен начин. Информираните главно не дозволуваат да дојде до непотребна интоксикација на организмот, а со тоа и потребата на ригорозен начин да се ослободуваат од насобраните токсични остатоци.

Современата нутриционистичка наука препорачува начин на исхрана според кој организмот не треба да се интоксицира со преобилна храна ниту со прехранбени производи, кои не е во состојба да ги свари, разложи и искористи. Токсичните остатоци сепак ќе се создаваат во организмот, но не во толкава мера за да се преземаат ригорозни решенија за негово отстранување. Отстранување на токсичните остатоци, како крајни продукти на човековиот метаболизам, ќе биде можно кога ќе се овозможи оптимална функција на четирите канали за детоксикација (дебелото црево, мочниот меур, кожата и белите дробови). Исхраната треба да е според принципот “ад либитум” (според потребите) и во рамките на исхрана според крвните групи. Начинот на исхрана според нутриционистичките препораки треба да овозможи секојдневна, а не сезонска детоксикација на организмот.

  • Напишете ја вашата емаил адреса за да ја добиете секоја новост!

  • Facebook Twitter